речник контакт

Каде натаму Драган во животот ако го иселат од Пензионерски ?

Ќе остане ли Драган Ѓоргиевски на улица е мората која го следи последниот месец

Петар Печков

Велешанецот Драган  Ѓоргиевски се судрува со  за него најтежок проблем во животот. Наскоро треба да го напуши домот каде живее. Тој е сам, нема блиски, браќа сестри, поблиски или подалечни роднини. Станар е  во Домот на пензионерите  во Велес и го губи правото на живеење во него, откако починал сопственикот на станарското право, во овој случај мајка му.

Со мајка ми Павлина тука сум од 1985-тата година. Почина во 2009-татата  и сега дојде време да го  напуштам станот,  да се иселам од овие 27 метри квадратни. Не знам кој пат да го фаќам во животот, на 53 години возраст сум, не се одомив, оженив, сам сум без никого.  Немам брат, сестра, роднини. Работам толку години во велешката Болница како волонтер и со тие четири илјади денари, без ден стаж што ќе правам – вели Драган. 

Тој добил тужба од Здружението не Пензионерите од Велес оти не се иселувал, бидејќи нема веќе право да станува во него. Згора на тоа има и долг од 20-тина илјади денари за неплатена кирија, која месечно изнесува илјада  денари. Објаснува дека со парите кои ги добива, нема можност да ги покрие сите режиски трошоци, па се решил да не ја плаќа киријата, за да може да плати вода, струја, да купи храна. 

Ако ме исфрлат ќе останам  сам на улица. Сега сум никаде, ни на небо ни на земја. Иако Законот не е на моја страна, барам да покажат хуманост и човечност – додава Драган.

Од Здружението на Пензионери на Велес велат дека тие само го почитуваат Законот и не прават ништо надвор од него.

Како ќе реши судот така ќе постапиме. Драган имаше можност, по некое време откако мајка му почина да го продолжи  корисничкото право, но тој не потпиша во рок од три месеци. Почна и да не плаќа, така што  и да сакаме не можеме да помогнеме. Секојдневно доаѓаат нови случаи,  старци кои  се самци  и сакаат да живеат во овој објект – вели Љубомир Ѓорѓиев претседател на Здружението на пензионерите на Велес.

Во нивниот дом има 24 стана, чии станари можат да бидат исклучиво пензионери, кои немаат сопствен кров над главата. Тој е изграден со нивни средства, Иако има интерес, тие не се во можност да започнат доградба на постојниот или пак изградба на нов, оти тоа било,, невозможна финансиска  мисија ,,.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »